KОНТО ПРОФИТ
Ваш компас на патот кон успехот:Сметководство, даноци, консалтинг, правни услуги, обука на стручни кадри

Секогаш бидете во тек и следете не на facebook: https://www.facebook.com/kontoprofit

Измени во даночната регулатива: промени во ЗДДВ, ЗПДД и ЗДД (крај на 2013 и почеток на 2014)

Во отсуство на вистински организирана фела или едноставно лоби група во политичко-општествените текови, на грбот на сметководителите веќе со години наназад се носат низа круцијални законски промени во сферата на даноците и трговското право и тоа како по правило - на крајот на годината. Така, наместо да се посвети внимание на консолидирање на прибраните податоци и документи претходната година и да се расчисти евидентирањето на проблематичните настани на мира, сметководителите треба да ги „чешлаат“ законските промени или да се прилагодуваат на глупави и претходно необмислени системски решенија на државните институции.

Секакви законски промени во сферата на даноците, сметководството и трговското право, како и какви било промени во составот, формата и изгледот на финансиските извештаи или електронските државни системи МОРА да бидат спроведени најдоцна до септември во тековната година, за да истите може на мира да се процесираат од страна на оние кои се задолжени да дадат совет за нивното имплементирање - сметководителите и консултантите, како и програмерите задолжени за одржување на сметководствените и ERP системите. Освен тоа, секакви промени на законите во сферата на даноците и сметководството може да бидат донесени само по консултации со професионалците од сферата. Истото важи и за системските решенија. За жал, никој не го бара мислењето на сметководителите кога се носат законски и системски решенија од кои најмногу токму сметководителите и сметководствените и консалтинг бироата ќе страдаат.

Не може во рамките на месец-дена (од ДЕКЕМВРИ ДО ЈАНУАРИ!) да донесете промени во трите најважни даночни закони и да очекувате дека оној дел од учесниците во системот за економско известување и надлежните лица на правните субјекти, да може да ги следат. Особено што некој дел од новите законски решенија се бегли, нејасни или поврзани со други акти кои треба да бидат дополнително донесени од надлежните министерства и министри.

Во продолжение следи кус осврт на дел од поважните релевантни законски промени во изминатиов период.

  • Измени во Законот за данок на добивка: Се додава член 12а - За оданочиви расходи се сметаат ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми и кои не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот.
  • Член 17 се дополнува: износите на вратените заеми помеѓу субјектите да не се оданочат со данок на добивка, односно кога ќе се изврши враќање на заемот кој бил оданочен, даночниот обврзник да може да ја намали даночната основа за износот на вратениот заем.
  • Измени во Законот за персонален данок на доход: Се додава нова точка 6-б во членот 6 ПДД не се плаќа на примањата по основа на... организиран превоз до и од работа, како и исхрана за време на работа утврдени со закон, ОКДПС, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за орг. на држ. управа. Имајќи ги предвид Член 113, став 4 и 5 од Законот за работни односи (ЗРО):
    • Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа.
    • Трошоците за исхрана од ставот 4... можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.
  • Дефиницијата за „организиран превоз“ и „организирана исхрана“ може да ја позајмиме од Правилникот за начинот на пресметување и уплатување на данокот на добивка и спречување на двојното ослободување или двојното оданочување (донесен во контекст на Член 49 од Законот за данок на добивка (ЗДД))... организиран превоз, во смисла на точка 3) на членот 11 од Законот (за ДД), подразбира посебен линиски превоз само на определена група патници со исклучување на други патници. Со посебниот линиски превоз на патници се врши превоз на работници од дома до местото на работа и обратно, врз основа на договор склучен во писмена форма меѓу правно лице кое го нарачува превозот и превозникот во согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај... Организирана исхрана, во смисла на точка 3) на членот 11 од Законот подразбира постоење на организациона единица во рамките на деловниот процес на работодавачот, во која на организиран начин работодавачот самостојно или со посредство на други компании врз основа на склучен договор за приготвување и дистрибуција на топол оброк им обезбедува исхрана на вработените. Организираната исхрана може да се јави кога местоположбата на извршувањето на работите и работните задачи кај работодавачот (фабрика, истурена градежна и др. оператива, рудник и сл.) или природата на работењето не им овозможува на вработените лица да се обезбедат со храна на друг начин.
  • Измени во Законот за додадена вредност (ЗДДВ): Во членот 19, како нов посебен вид даночна основа се наведува надоместокот (провизијата) за услугата за отстапување на привремен агенциски работник на работодавач (корисник). До пред ова решение, во пракса основа за оданочување со ДДВ најчесто беше износот на вкупниот надоместок кој го наплатува Агенцијата за привремени вработувања.
  • Ново даночно ослободување во земјата со право на одбиток на претходниот данок: ослободен од ДДВ e промет на добра и услуги, наменети за реализација на проект кој е финансиран со парични средства добиени врз основа на договор за донација, склучен помеѓу Р. Македонија и странски донатори, ако во тој договор е предвидено дека со добиените парични средства нема да се плаќаат даноци. Кај проектите кои се финансирани во рамките на инструментот за претпристапна помош (ИПА) кој се спроведува во услови на децентрализирано управување, даночното ослободување од плаќање на ДДВ при увозот на добра ќе се однесува и за делот на средствата од национално кофинансирање обезбедено од Буџетот на Р. Македонија.
  • Нов Член 32-а (Reverse Charge): „По исклучок... Даночен должник е даночниот обврзник... кон кого од страна на друг даночен обврзник... се извршени следните промети на добра и услуги“:
    • градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите, и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите, согласно законот со кој се уредува градењето;
    • прометот со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад и
    • недвижности во извршна постапка или во постапка на присилна наплата по пат на јавно наддавање.
  • Законот за градење на кој се повикува ЗДДВ дава дефиниција за „градење“: „Изведување на претходни работи, изработка на проектна документација, вршење на подготвителни работи, изградба на нова градба, доградба и надградба на постојна градба, реконструкција и адаптација на постојната градба што опфаќа земјени работи, изведување на градежна конструкција, вршење на градежно-инсталатерски работи и градежно-завршни работи, вградување постројки или опрема и други работи со кои се оформува целината на градбата.“
  • Дополнително, со задоцнување донесена е Одлука за определување нa добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна нa друг даночен обврзник, која можете да ја најдете на овој линк.
АНКЕТА
Дали нашиот Сајт нуди доволно информации?
Да, сосема доволно
Премногу, тешко се наоѓа тоа што е корисно
Недоволно